Путин и Лукашенко во Сочи: Белорусија од „поголемиот брат“ доби кредит во износ од 1,5 милијарда долари



Путин и Лукашенко во Сочи: Белорусија од „поголемиот брат“ доби кредит во износ од 1,5 милијарда долари - МИА

Сочи, 14 септември 2020 () – Русија ќе и обезбеди на Белорусија заем од 1,5 милијарда долари, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин на средбата со својот белоруски колега, Александар Лукашенко.


 

-Се согласивме дека Русија во ова тешко време ќе и обезбеди на Белорусија државен заем од 1,5 милијарда американски долари и ние тоа ќе го реализираме. Колку што знам, нашите министри за финансии во моментов работат на деталите од договорот, рече Путин.

Белорускиот Истражен комитет предупреди на создавањето „одреди“ за спротивставување на безбедносните сили, како што некои поддржувачи на опозицијата повикуваат на некои канали на Телеграм, пренсе БГНЕС.

„На Интернет се појавија информации за создавање волонтерски групи чии членови се повикани да им се спротивстават на владините службеници и на различни начини, вклучително и со сила, да се мешаат во нивните легитимни активности“, се наведува во соопштението на комитетот, објавено на неговата интерент страница.

Опозицискиот Координативен совет повика на продолжување на протестите во Белорусија. Властите објавија потреба за стопирање на нелегалните активности.

Претседателот Лукашенко му се заблагодари на рускиот лидер Владимир Путин за поддршката по изборите во земјата.

Рускиот претседател му предложи на својот белоруски колега да се преземат активности за враќање на трговијата, што се намали заради пандемијата.

На состанокот во Сочи Путин истакна дека светската трговија меѓу земјите се намалува поради ширењето на коронавирусот. „Но, во врска со ова, верувам дека мора да вложиме дополнителни напори, не само да го вратиме претходното ниво на трговско-економските односи пред кризата, туку и да создадеме услови за напредок“, рече рускиот лидер.

Неодамнешните настани покажаа дека Белорусија „треба да остане поблиску до својот постар брат и да соработува за сите прашања“, рече белорускиот претседател Александар Лукашенко. Според него, настаните во Белорусија се многу сериозна лекција што ја научиле и Москва и Минск.

Рускиот претседател Владимир Путин смета дека самите граѓани на Белорусија, без надворешен притисок, мораат да ја решат ситуацијата што се појави во нивната земја, пренесе БГНЕС.