Путин и Ердоган разговараа за кризата во Ерусалим


– Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин телефонски разговараа за неодамнешните израелски напади врз палестинскиот народ, но и за испораката на вакцината Спутник В, објавија турските медиуми.


 

Ердоган истакна дека Турција остро се спротивставува на израелските напади врз Ерусалим, Појасот Газа, џамијата Ал-Акса и Палестинците, а меѓународната заедница мора да го запре Израел и строго да го предупреди.

Турскиот претседател додаде дека е од витално значење интервенцијата на Советот за безбедност на ОН пред тензиите да ескалираат, а Советот мора да даде јасна и одлучна изјава во однос на Израел.

Велејќи дека распоредувањето меѓународни мировни сили за заштита на Палестинците е прашање кое треба да се разгледа, Ердоган изрази верување оти Турција и Русија ќе покажат блиска соработка во ОН во врска со тоа.

Кремљ соопшти дека за време на разговорот претседателите ја потенцирале принципиелната позиција на Русија и Турција за поддршка на решението на двете држави за палестинско-израелскиот конфликт врз основа на општо прифатените меѓународни правни норми, како и посебната улога на „четворката“ на меѓународни медијатори (Русија, ЕУ, ОН, САД) за олеснување на преговарачкиот процес.