Шпанската полиција заплени древен златен накит од Украина со проценета вредност од 60 милиони евра.
Уапсени се тројца шпански и двајца украински државјани, меѓу кои и православен свештеник, соопшти вчера полицијата.
Запленети се 11 парчиња накит кои потекнуваат од времето на грчко-скитската култура помеѓу 8 и 4 век п.н.е.
Скитите талкале по земјите северно од Црното Море, а тоа се денешна Украина и јужна Русија.
Накитот последен пат беше виден на изложба во Киев помеѓу 2009 и 2013 година. Во одреден момент пред мај 2016 година, тој беше прошверцуван надвор од земјата.
Лицата кои беа уапсени се осомничени дека биле дел од банда која планирала да продава накит.
Уапсениот свештеник наводно во соработка со сонародник и други фалсификувал документи, според кои накитот е црковен имот. Не се соопштува точно кои украински цркви.
Накитот ќе биде прегледан од експерти во Националниот музеј за археологија, а потоа вратен во Украина, соопшти полицијата.