Продолжува воената вежба на иранската морнарица во Омански Залив


– Иранската морнарица ја продолжи воена вежба во Омански Залив со лансирање на балистички ракети симулирајќи напад врз непријателски цели.


 

На иранската државна телевизија беа прикажани снимки како две ракети погодуваат „непријателски брод“ на оддалеченост од 1.800 километри.

Претходно, иранската морнарица лансира повеќе балистички ракети земја-земја врз симулирани непријателски бази, а распореди и дронови опремени со бомби.

Иранската морнарица вчера соопшти дека забележала неидентификувана подморница во близина каде што се одржуваат воените вежби. Подморницата се оддалечила откако иранската армија испратила предупредување и побарала да се почитува дистанцата пропишана со закон.

САД минатиот месец соопштија дека нуклеарната подморница „УСС Џорџија“ е распоредена во регионот на Персиски Залив. Но, портпаролката на американската Петта флота стационирана во Бахреин, вчера одби да ги коментира иранските наводи.

Иранската морнарица во средата почна воена вежба со ракети со краток дострел во Омански Залив. Воената вежба се одржува во период на зголемени тензии поради иранската нуклеарна програма.

Во воената вежба учествуваат два нови брода од иранско производство Зерех за лансирање на ракети и иранскиот најголем воен брод, носач на хеликоптери Макран.

Американскиот претседател Доналд Трамп во 2018 година еднострано ги повлече САД од Договорот за иранската нуклеарна програма, според кој Техеран се согласи да гои ограничи збогатувањето на ураниум во замена за укинување на економските санкции. Трамп како причина за повлекувањето, помеѓу другото, ја наведе иранската балистичка програма.

Иран изминатите недели одржа повеќе воени вежби. Револуционерната гарда во саботата одржа поморска парада во Персиски Залив, а една недела претходно Иран одржа голема воена вежба со беспилотни летала.

Макран е логистички брод кој служи како поддршка на флотата може да плови речиси три години без вкотвување, а на него се наоѓа опрема за собирање и обработка на информации.