Претседателот на Узбекистан воведе едномесечна вонредна состојба во автономната република Каракалпакстан


Узбекистанскиот претседател, Шавкат Мирзијојев, од денеска до 2 август воведе вонредна состојба во регионот Каракалпакстан, каде деновиве имаше немири, изјави портпаролот на претседателот Шерзод Асадов.


 

„Со претседателски указ, во Република Каракалпакстан е воведена вонредна состојба од 00:01 часот на 3 јули до 00:00 часот на 2 август 2022 година, заради безбедноста на граѓаните, заштита на нивните права и слободи и воспоставување на редот и законот“, напиша Асадов на каналот Телеграм.

Во автономната република Каракалпакстан се одржа јавен протест поради планираната уставна реформа со која ќе се промени нејзиниот статус, соопштија узбекистанските власти, пренесе Тасс.

Каракалпакстан, се наоѓа во северозападен Узбекистан, и е дом на Каракалпаците, посебна етничка малцинска група со свој јазик.

Британските медиуми пренесуваат дека сегашниот Устав на Узбекистан оваа територија ја дефинира како суверена република со право на отцепување преку одржување референдум.

Новата верзија на уставот, на која Узбекистан планира да одржи референдум во наредните месеци, веќе нема да го споменува суверенитетот на Каракалпакстан или неговото право на отцепување.

Според соопштението на Министерството за внатрешни работи на Узбекистан, група жители на Каракалпакстан „кои не ги разбираат уставните реформи“ прошетале низ главниот град Нукус и одржале митинг на централниот пазар во градот.