– Активисти волонтери во крајбрежните области во Бангладеш денеска преку звучници ги повикуваат луѓето да одат во засолништа пред исклучително силен циклон што се очекува да стигне до бреговите на Бангладеш и Мјанмар во следните 24 часа.
Циклонот Мока се движи кон бреговите на југоисточниот дел на Бангладеш и Мјанмар со брзина од 160 километри на час и налети на ветар до 175 километри, соопшти индиската метеоролошка служба. Се прогнозира дека ќе стигне до копното вечерва во областа меѓу Кокс Базар во Бангладеш и Кјаукпи во Мјанмар.
Бангладеш има подготвено повеќе од 1.500 засолништа. Повеќе од еден милион бегалци Рохинџи, кои побегнаа од прогонот во Мјанмар, се сместени токму на патеката на циклонот во камповите во Кокс Базар, каде локалните власти и ОН се подготвуваат за невремето.
Бангладеш, кој е подложен на природни катастрофи како што се поплави и циклони, издаде највисоко ниво на предупредување за областа Кокс Базар. Метеоролошката служба на земјата предупреди дека циклонот може да предизвика големи материјални штети и да ги загрози животите во осум крајбрежни области.
Според извештаите, локалните власти во 20 области се повикани да се подготват за циклонот. Посебна загриженост има за малиот корален остров Сент Мартинс во Бенгалскиот залив, каде што се прават подготовки за заштита на илјадници жители.
Според Центарот за предупредување и прогнозирање поплави во Дака, крајбрежјето може да го погодат силни поројни поплави.
И Мјанмар ја подигна тревогата на највисоко ниво, наведувајќи дека циклонот се движи кон брегот во државата Ракајн, во близина на градот Ситве.