Помпео: Иранскиот танкер плови кон Сирија


Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека има информација дека иранскиот танкер Адријан Дарија се упатил кон Сирија.


 

– Имаме сигурни информации дека танкерот е на пат кон пристаништето Тартус во Сирија. Се надевам дека ќе го смени курсот, напиша Помпео на Твитер.

Тој додаде дека било голема грешка да му се верува на иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф, кој ја убедуваше Велика Британија дека танкерот нема да отплови за Сирија.
Американското Министерство за финансии го стави иранскиот танкер Адријан Дарија на црна листа, а неговиот капетан под санкции.

– Бродовите како што е Адријан Дарија и овозможуваат на иранската Револуционерна гарда да превезува големи количества нафта, што тие се обидуваат незаконски да ја продадат со цел да финансираат злочудни активности на режимот и да пропагираат тероризам, се наведува во соопштението на потсекретарот за финансии Сигал Манделкер и предупреди дека секој што ќе му пружи поддршка на танкерот ризикува да биде изложен на санкции.

Иранскиот танкер Адријан Дарија во средината на месецот беше пуштен од Гибралтар откако пет недели беше задржан под сомнение дека превезува иранска нафта за Сирија, со што се кршат санкциите на Европска Унија.

Задржувањето на танкерот ги зголеми тензиите помеѓу Иран и САД. Вашингтон тврди дека танкерот е во сопственост на иранската Револуционерна гарда, елитна воена единица, под водство на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи. Револуционерната гарда за САД е терористичка организација.