Поголеми овластувања за шведската полиција во борбата против криминалните банди



Шведска планира да и даде на полицијата поголеми овластувања за пристап до податоците за мобилните телефони, бидејќи се надева дека со тоа ќе помогне да се спречи зголеменото насилство на криминалните банди во големите градови во земјата, соопшти денеска Владата.


 

Според полицијата, годинава имало 25 жртви и 180 инциденти со огнено оружје, а борбата против криминалот е приоритет пред парламентарните избори следната година.

Владата наведе дека сака да и даде на полицијата поголеми овластувања за пристап до податоците за мобилна комуникација, вклучително и повици од апликации како што се Фејсбук, Месинџер и Вотсап, што во моментов не се складирани од мобилните оператори.

– Офанзивата на општеството против криминалните мрежи мора и ќе продолжи, со повеќе полицајци, построги казни и повеќе алатки за полицијата во борбата против криминалните групи, изјави шведскиот министер за внатрешни работи Мајкл Дамберг на прес-конференција.

Специјална комисија ќе ја советува Владата како да направи измени во Законот за складирање податоци најдоцна до 2023 година. Во последните две децении, Шведска се искачи на едно од првите места во рангирањето на земјите со највисоко ниво на насилство со огнено оружје во Европа, според извештајот објавен претходно оваа година од Шведскиот национален совет за превенција на криминал.