Песков: Крим е руска суверена територија




Крим е суверена територија на Русија и земјата има право да стори сé што е потребно за да се гарантира нејзината безбедност во согласност со меѓународното право, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи ја резолуцијата за милитаризација на Крим иницирана од Украина и која беше усвоена во Генералното собрание на ООН.

„Во овој случај станува збор за суверена територија на Руската Федерација, која има слобода да стори сé што е потребно за да се обезбеди безбедност во рамките на меѓународното право и во рамките на своите меѓународни обврски“, нагласи Песков.

Во понеделникот, Генералното собрание на ООН донесе резолуција за проблемот со милитаризацијата на Крим и делови на Црното и Азовското море, поднесена од Украина.

„За“ резолуцијата гласаа 63 земји, 17 беа против, а 32 беа воздржани. Голем број земји, вклучувајќи ги Азербејџан, Либан, Обединетите Арапски Емирати и Узбекистан, воопшто не изразија мислење. Покрај Русија, меѓу земјите кои се спротивставија на резолуцијата беа Белорусија, Ерменија, Кина, Србија, Киргистан, Иран, Северна Кореја и Венецуела.

Резолуцијата ја повикува Руската Федерација, како окупаторска сила, да ги повлече своите воени сили од Крим. Исто така, Русија се повикува да престане да пренесува напредни вооружени системи, вклучувајќи авиони и ракети способни да носат нуклеарни боеви глави, муниција и воен персонал на украинска територија, објави руската новинска агенција Итар-Тасс.