„Панасоник“ инвестира 700 милиони долари во производство на батерии за „Тесла“


– Јапонската компанија „Панасоник“ ќе започне со производство на нови литиум-јонски батерии наменети за „Тесла“ веќе во 2023 година, планирајќи да инвестира околу 80 милијарди јени (705 милиони долари) во фабрики во Јапонија, објави денеска јапонскиот бизнис портал Никеи.

Литиум-јонските батерии за полнење би можеле да помогнат електричните возила (ЕВ) да бидат попривлечни за возачите со зголемување на опсегот на возење за околу една петтина, пишува Никеи.

– Истражуваме различни опции за масовно производство, вклучително и тест производствена линија што ја воспоставуваме оваа деловна година, соопшти „Панасоник“.

 

„Панасоник“ во октомври минатата година претстави батерија со формат 4680 (широка 46 милиметри и висока 80 милиметри). Се очекува ова да му помогне на американскиот производител на електрични возила да ги намали трошоците за производство.

Јапонската компанија ќе произведува „4680“ батерии во фабрика во западниот дел на Јапонија, со производство доволно за околу 150.000 возила, соопшти Никеи.

„Панасоник“ е единствениот производител на поразвиени батерии за „Тесла“, што му дава позиција на клучен снабдувач на американската компанија, барем за поскапи модели на автомобили, и покрај фактот што овој производител на електрични возила бара добавувачи на батерии во Кина и на други места.