Пакистанскиот премиер Имран Кан се соочува со гласање доверба


–  Пакистанскиот премиер Имран Кан денеска се соочува со гласање доверба во парламентот, неколку дена откако владеачката коалиција загуби клучно место во Сенатот, јави ДПА.


 

Според германската агенција, премиерот Кан самиот побара да се соочи со гласање доверба во парламрнтот откако кандидатот на неговата  Пакистанска Техрик-е-Инсааф партија (ПТИ) претходно неделава беше поразен на изборите за Сенатот од поранешниот пакистански  премиер.

Опозицискиот кандидат обезбеди 169 гласа наспроти 164 за кандидатот на партијата на Кан, кој е и актуелен министер за финансии.

Поразот на ПТИ значи дека владата веќе нема мнозинство во парламентарното тело во кое се бира премиерот.

На Кан, кој се наоѓа на половина од својот петгодишен мандат, за да ја задржи власта му се потребни 172 гласа во 342-членото Национално собрание.

Во Долниот дом од парламентот ПТИ има 157 пратеници, а Кан во 2018 година при изборот на функцијата беше поддржан од 176 члена, потсети ДПА.

Политичките аналитичари велат дека на Кан ќе му треба поддршка од сите негови коалициски партнери при гласањето доверба.

Тој дојде на власт по изборите на кои беше напаѓан и обвинуван дека е поддржан од моќната армија во земјата.  Генералите во Пакистан со децении владеат со земјата и се обвинувани за манипулирање со изборот на цивилните влади, со што им го блокираат патот на демократските лидери.

Иако Кан постојано негира дека има воена поддршка, тој по поразот во Сенатот, сепак, се сврте кон армијата, па пред два дена одржа состанок со началникот на Генералштабот Камар Џавед Бајва и шефот на разузнавачката служба, за кој многумина веруваат дека е поврзан со неговото гласање за доверба.

Опозицискиот коалициски сојуз – Пакистанско демократско движење (ПДМ) вчера соопшти дека опозицијата ќе ја бојкотира специјалната седница на парламентот, јави ДПА.