Оставка на лидерот на италијанската Демократска партија Никола Зингарети


Лидерот на италијанската Демократска партија (ДП), Никола Зингарети, денеска на Фејсбук ја објави својата оставка на функцијата, а како причина ги посочи внатрешнопартиските борби за моќ, што тој имал намера да ги прекине со овој свој чекор, јави ДПА.


 

Прес центарот на партијата во Рим ја потврди оставката на лидерот.

Партијата на Зингарети е една од најголемите партиципиенти во новата италијанска Влада на поранешниот шеф на Европската централна банка (ЕЦБ) Марио Драги.

Кризата што доведе до повлекување на поранешниот премиер Џузепе Конте, кого ДП го поддржуваше, и преговорите за новата влада, ги влошија борбите за превласт и моќ во партијата, наведува ДПА.

Делови од партијата, на пример, се многу критични  кон кабинетот на Драги, исто како екстремно десничарската партија Лига, на поранешниот министер за внатрешни работи, Матео Салвини.

Зингарети на Фејсбук напиша дека ДП главно зборувала за владините објави за „20 дена“, но не и за големите проблеми на Италија за време на пандемијата на коронавирусот.

Зингарети додаде дека ќе ја преземе одговорноста и за својата оставка ќе ги информира и другите органи на партијата.

„Јас го завршив своето во надеж дека ДП сега ќе се врати на разговорите за проблемите на земјата и ќе се посвети на решавање на истите“, напиша тој на Фејсбук.

Зингарети функцијата ја презеде во март 2019 година.