ОПЕК и сојузниците одлучија пет земји да го зголемат производството на нафта


Членките  на Организацијата на земјите производители на нафта (ОПЕК) и нивните сојузници, предводени од Русија (ОПЕК плус), денеска се согласија конечно да ги ублажат ограничувањата на производството во пет земји.


 

Со ова заврши претходниот спор предизвикан од барањето на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) за земјата да го зголеми производството на нафта.

Тој спор неодамна доведе до скок на цената на нафтата на највисоко ниво во последните две и пол години откако економиите ширум светот ја зголемија побарувачката поради олеснување или укинување на ограничувањата наметнати од коронавирусот.

Картелот ОПЕК објави дека Ирак, Кувајт, Русија, Саудиска Арабија и ОАЕ во иднина ќе можат да произведуваат поголеми количини нафта отколку порано.

Договорено е ОАЕ да произведува до 3,5 милиони барели нафта дневно, почнувајќи од мај 2022 година. Државата барала да произведува до 3,8 милиони барели дневно.

Саудиска Арабија може да го зголеми производството од 11 на 11,5 милиони барели на ден, како и Русија.

Зголемувањето на производството во Ирак и Кувајт ќе биде помалку од тоа.

Земјите од групата „ОПЕК Плус“ не се дел од картелот, но тие го координираат производството на нафта со членките на ОПЕК.