Обединетите нации(ОН) се уште се борат да се обидат да го спречат гладот во Појасот Газа. Иако има одредено подобрување во координацијата со Израел, испораката на помош во енклавата продолжува да се соочува со тешкотии, изјави вчера висок претставник на ОН.
Шефот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања на окупираната палестинска територија, Андреа Де Доменико, рече дека испораката на помош во Газа се соочува со значителни одложувања на контролните пунктови и дека минатата недела 41 отсто од барањата на ОН за испорака на помош во северна Газа биле одбиени.
„Танцуваме танц каде што правиме еден чекор напред, два чекора назад, или два чекора напред, еден чекор назад, што во основа секогаш не остава на иста точка. За секоја нова можност што ќе ни се појави, ќе има уште еден предизвик за да се справиме, ни е навистина тешко да стигнеме до местото каде што би сакале да бидеме“.
ОН долго време се жалат на пречките во испораката на помошта и нејзината дистрибуција низ Газа. Но, глобалниот гнев поради хуманитарната криза во енклавата со 2,3 милиони луѓе ескалира откако израелските воздушни напади ги убиваа хуманитарните работници во Светската централна кујна на 1 април.
Израел оттогаш го одобри повторното отворање на преминот Ерез во северниот дел на Газа и привременото користење на пристаништето Ашдод во јужен Израел, откако американскиот претседател Џо Бајден повика на чекори за олеснување на хуманитарната криза во Газа, велејќи дека може да се постават услови за американската поддршка за Израел доколку нема да дејствува.
„Постојано се зголемува бројот на камиони кои влегуваат“, рече Де Доменико, додавајќи дека ОН не знаат колку приватна испорака на помош Израел дозволил во северниот дел на Газа. Но, тој исто така рече дека фокусот мора да биде и на подобрување на пристапот до помош во Газа.
„Проблемот не е само во храната. Проблемот е што гладот е многу покомплексен, тој е многу поголем од едноставниот внес на брашно. Водата, санитарните услови и здравјето се клучните услови за борба против гладот“, рече тој.
Американските власти забележаа постојан напредок во износот на помошта што оди во Газа, соопшти во вторникот американскиот Стејт департмент, но тој сè уште не е на посакуваното ниво и Вашингтон работи на негово подобрување.