Две третини од 36-те болници во Појасот Газа повеќе не функционираат, а болницата Ал-Амал е затворена поради интензивна воена активност, се вели во извештајот на хуманитарните претставници на Обединетите нации.
Светската здравствена организација објави дека Газа сега има само 12 функционални болници, вклучувајќи две „минимално функционални“ и десет делумно, четири на север и шест на југ, изјави за новинарите портпаролот на ОН, Стефан Дижарик.
Повеќе од дваесет вработени, десет пациенти и луѓе кои ги придружуваа, како и телата на две лица, убиени во болницата Ал-Амал вчера беа преместени од страна на хуманитарната канцеларија на ОН, палестинската Црвена полумесечина и Меѓународниот комитет на Црвениот крст пред да биде затворена болницата.
Андреа Де Доменико, кој раководи со хуманитарните операции на ОН на палестинските територии, ја посети болницата Камал Адван на север, која е делумно функционална, и рече дека прима 15 неухранети деца дневно и дека се бори да продолжи да работи.
Портпаролот на ОН рече дека единствениот генератор на болницата е тешко оштетен и дека здравствените работници и пациентите имаат очајна потреба од храна, вода и канализација.
Според Светската програма за храна, околу 70 отсто од населението на северот на Газа се соочува со „катастрофален глад“, а напорите за испорака на помош се отежнати поради борбите и ограничениот пристап до оние на кои им е потребна храна.
Овој месец, Светската програма за храна можеше да испрати само 11 конвои на север со храна за околу 74.000 луѓе, што е далеку под огромните потреби на населението.
Во меѓувреме, израелската армија соопшти дека убила повеќе од 200 вооружени лица во континуираната операција против Хамас во болницата Ал-Шифа во градот Газа.
Според израелските медиуми, вооружени членови на Хамас излегле од оперативната сала каде се криеле и пукале во војниците.