Одлука за лидер на ЦДУ во средината на јануари




 

Тројцата главни кандидати за нов претседател на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Германија се согласија одлуката за лидерот на партијата да биде донесена во средината на јануари, објави владејачката партија.

Генералниот секретар на ЦДУ, Пол Цимијак, на „Твитер“ објави дека кандидатите за претседател на партијата се согласиле да се одржи состанок во средината на јануари за избор на нов лидер.

Доколку е можно, состанокот ќе се одржи во живо, или ќе биде одржан онлајн и гласањето ќе биде поддржано со писмено гласање.

ЦДУ сè уште нема донесено одлука за избор на нов лидер, откако Анегрет Крамп-Каренбауер, која ја наследи Ангела Меркел во 2018 година, објави во февруари дека нема да се кандидира за канцелар следната година и дека ќе се откаже од својата позиција во партијата.

Состанокот што требаше да се одржи во април по тој повод беше откажан поради пандемијата на коронавирус, а одлуката беше одложена до најавениот редовен состанок на партијата за 4 декември.

Сепак, поради влошувањето на епидемиолошката состојба во Германија и воведувањето на нови ограничувачки мерки, овој состанок исто така беше откажан. Откажувањето на состанокот доведе до отворени конфликти меѓу кандидатите за лидер на ЦДУ, што е невообичаено за оваа партија.

Главни кандидати се Фридрих Мерц (64), поранешен конзервативен лидер на парламентарната група на партијата, Армин Лашет (59), нешто полибералниот гувернер на Северна Рајна-Вестфалија и Норберт Ретген (55), кој е претседател на парламентарниот комитет за надворешна политика.