„Нула ковид“ во Европа: Идеал или илузија?


18 Февруари 2021



Ал Џезира Балканс

Два милиони жители на Нов Зеланд во понеделникот почнаа тридневен карантин во Оукланд поради само три случаи на Ковид-19.

Брзо и одлучно затворање со цел животот што е можно побрзо да се врати во нормала-е стратегија за „нула ковид“ што ја променуваат Азија и Океанија.

Но, дали тоа е изводливо и во Европа?

Оваа стратегија има за цел да ја намали циркулацијата на коронавирусот на нула во одреден регион или земја со строги мерки што се воведуваат веднаш штом се појави инфекцијата.

Тоа се комбинира со драстична контрола на жариштето (тестирање, следење, изолација).

Дали оваа стратегија е можна во Европа?

Во исто време, нормалниот живот може да продолжи во области каде што го нема вирусот.

Се повеќе експерти се залагаат ваквата стратегија да се примени и во Европа, пренесува Хина.

– За земјите што ја усвоија, предноста е тројна, изјави швајцарскиот епидемиолог Антоан Флахо.

Тоа се, на пример, Нов Зеланд, Австралија, Кина, Тајван и Виетнам.

– На здравствен план, тие се неприкосновени светски шампиони во однос на мал број смртни случаи по глава на жител, а во однос на социјалниот живот, работите се одвиваат нормално. Баровите, рестораните, културните и спортските активности, училиштата и универзитети се отворени, а епидемиолошки мерки речиси и не псотојат, објасни тој.

– На економски план, Тајван и Кина бележат позитивен раст на бруто домашниот производ [БДП], додаде Флахо, директор на Институтот за глобално здравје на Универзитетот во Женева.

Да научиме соживот со вирусот

Тој смета дека стратегијата „нула ковид“ е подобра од „стратегијата за ублажување“ што ја спроведуваат повеќето земји на Запад, а која, всушност, се однесува на „организирање на соживот со вирусот меѓу два бранови“.

– Што значи соживот со вирусот? Сегашната состојба не е прифатлива, таа е премногу непозната на долг рок, рече Мартин Мекки, професор по јавно здравје на лондонската школа за хигиена и тропска медицина.

– Џабе е обидот да се стави епидемијата под контрола, постојано доаѓаат нови бранови и нови затворања и никој не може да планира ништо, патување за одмор, венчавка или инвестиција за отворање ресторан, рече тој.

– И колку повеќе вирусот циркулира, толку почести се мутациите. Не можеме да продолжиме вака со третиот, четвртиот, петтиот, дваесеттиот бран, рече Мекки, кој е убеден дека“ нула ковид“ е единствената алтернатива.

Но, дали оваа стратегија може да се пренесе од едниот до другиот крај на светот?

– Тоа би било потешко во Европа, рече австралискиот експерт Арчи Климентс, епидемиолог на Универзитетот Картин во Перт.

„Азијците не се попослушни од другите“

– Постојат повеќе причини за тоа. Таму има поголема мобилност, поголема густина на населението во градовите, зависност на европската економија од прекугранично патување и фактот дека Европа е важна дестинација за патување, рече тој.

– Во Австралија и Нов Зеланд, имаме природни предности, кои не можат да се копираат на друго место, особено нашата изолација и непостоењето копнени граници, рече тој.

Ваквите аргументи не се убедливи за европските поборници за „нула ковид“.

– Кога Велика Британија има повисока стапка на смртност од Германија, Швајцарија или Франција, тогаш не велиме дека тоа е затоа што тие се остров, рече Флахо, признавајќи, сепак, дека стратегијата би значела гранична контрола во Шенген зоната.

Тој отфрла уште една теорија, според која Азијците се попослушни во почитувањето на многу строгите мерки отколку Европејците.

– Тоа е прилично империјалистички став, додаде тој.

Не повторувајте ги грешките од минатото

Без оглед на тоа дали стратегијата „нула ковид“ може да се спроведе во Европа, Климентс смета дека е предоцна за тоа, бидејќи вирусот и неговите мутации многу се распространија.

– Европа ја пропушти можноста да усвои стратегија од типот на „нула ковид“ на крајот од првото затворање и претпочиташе да го искористи летото и така дозволи циркулација на вирусот, рече тој.

Тој се залага „европските демократии да отвораат вистинска дебата со цел да се избегне повторување на грешките од минатото“.

– Повеќе земји за неколку недели ќе доживеат значително повлекување на епидемијата и ќе треба да си го постават тоа прашање, заклучи Климентс.