
Новиот министер за солидарност воп француската Влада, Дамиен Абад, е обвинет од две жени за сексуално насилство што би било сторено пред десет години. Тој жестоко ги оспори нападите и тврди дека биле „невозможно“ да се извршат поради неговата попреченост, јави дописникот на МИА.
Новиот министер за солидарност испрати изјава до медиумите во која „најжестоко ги оспорува“ наводите за кои е обвинет.
„Негирам дека сум извршил каква било форма на принуда врз која било жена. Конечно, оспорувам каква било злоупотреба на моќ поврзана со функциите што ги извршував. Сексуалните односи што ги имав во текот на мојот живот отсекогаш беа взаемно одобрени“, пишува Дамиен Абад.
Пред сè, политичарот, кој од самото раѓање е погоден од вродена болест, артрогрипоза, која претставува значителен моторен хендикеп и ја попречува подвижноста на четирите негови екстремитети, смета дека фактите со кои е обвинет се „невозможни“.
„Овие обвинувања се однесуваат на дејствија или гестови кои се едноставно невозможни за мене поради мојата попреченост. […] Јас сум ограничен денес да прецизирам дека, во мојата ситуација, сексуалниот чин може да се случи само со помош и добронамерност на мојот партнер. Дека никако не ми е можно да ја наметнам оваа или онаа пракса, овој или оној гест. […] Што се однесува до пријавените забелешки кои инсинуираат дека сум можел да дрогирам, па транспортирав, соблеков и силував онесвестена жена, тие се едноставно незамисливи и бедни“, прецизира понатаму министерот.
Премиерката Елизабет Борн увери дека „не била свесна“ за новите обвиненија откриени викендов.
„Очигледно не знаев. Ќе бидам многу јасна за овие теми, не може да има неказнивост, мора да продолжиме да дејствуваме за да можат жените кои се жртви на напад или малтретирање да поднесат жалба. Немам повеќе елементи дека случајот е затворен без натамошно постапување“,изјави премиерката уверувајќи дека „ако има нови елементи, правдата повторно ќе се изјасни, и ќе ги извлечеме сите последици од оваа одлука “.