Навални преместен во казнена колонија, на 200 км од Москва



Еден од главните критичари на Кремљ Алексеј Навални, пристигна во казнена колонија,  на 200 километри источно од Москва, каде што е префрлен на издржување на казната, соопшти денеска москвската Јавна комисија за надзор (ОНК).


 

„Алексеј Навални пристигна во рускиот казнено-поправен дом во регионот Владимир каде ќе ја издржува казната“, се вели во соопштението на ОНК.

Генералниот секретар на Комисијата Алексеј Мељников, за Интерфакс изјави дека Навални, осуден на две и пол години затвор, прво ќе биде ставен во карантин некое време, а потоа ќе биде префрлен во една од казнените колонии во регионот. Според извори на ТАСС и Рија Новости, Навални наскоро ќе биде префрлен во казнената колонија број 2, лоцирана во градот Покров, во регионот Владимир во европскиот дел на Русија, пренесува Хина.

Според руските медиуми, „вообичаените правила“ важат во овој вид колонија, што значи дека условите во затворот се нешто помалку тешки отколку во другите одделенија и дека околу 800 затвореници таму издржуваат казна.

Во петокот, шефот на руските затворски служби Александар Калашников ги увери новинарите дека Навални бил „префрлен таму каде што треба да биде во согласност со судската одлука“ и дека на еден од главните опозициски политичари во земјата „не се соочува со закани по живот или здравје“.

Навални „ќе ја отслужи казната во апсолутно нормални услови“, рече Калашников, додавајќи дека затвореникот, доколку сака, ќе учествува во некои активности во производствените капацитети.

Таквите казнени колонии се наследство од Советскиот сојуз. Повеќето затворски казни во денешна Русија се издржуваат во такви логори на воени затвореници, кои честопати се наоѓаат многу далеку од сите поголеми градови и други установи. Затворениците задолжително мора да работат, а најчесто тоа се работилници за шиење или оние каде се прави мебел.

Руското правосудство минатата недела ја потврди пресудата за 44-годишниот руски активист за случај на измама во 2014 година, која тој, како и голем број западни држави и невладини организации, ја сметаат за политичка.

Навални беше уапсен на 17 јануари по враќањето од Германија, каде помина скоро пет месеци во опоравување од труењето со нервен агенс, за кое го обвини Кремљ. Тој е казнет и за „клевета“, и го чекаат уште неколку судски процеси.