НАТО изрази одлучност за испраќање поголема поддршка за Украина

nato_343534

 – Шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО денеска во Букурешт ветија дека ќе ја засилат поддршката за Украина и ќе помогнат во поправката на нејзината енергетска инфраструктура, која е погодена од руските напади со кои е прекинато снабдувањето со  струја и греење за милиони Украинци, јавија британските медиуми.

„Руската агресија, вклучувајќи ги нејзините актуелни и бескрупулозни напади врз украинската цивилна и енергетска инфраструктура, лишува милиони Украинци од основните човечки услуги“, се наведува во заедничката изјава на министрите по првиот ден од нивната средба во Букурешт.

„Ќе продолжиме и дополнително ќе ја зголемуваме политичката и практичната поддршка за Украина додека таа продолжува да го брани својот суверенитет и територијален интегритет…и ќе ја одржиме нашата поддршка доколку е потребно“, додаваат министрите во својот заеднички став по првиот ден од средбата.

Министрите соопштуваат дека остануваат цврсти во нивната посветеност на независноста на Украина и никогаш нема да ги признаат нелегалните анексии од Русија.

Тие, исто така, ја потврдија одлуката донесена на самитот на НАТО во 2008 година дека Украина на крајот ќе стане членка на Алијансата.

Генералниот секретар, Јенс Столтенберг, изјави дека земјите од Алијансата се договориле за поблиска соработка со Украина.

-Сојузниците на НАТО ќе продолжат да ја поддржуваат Украина се додека е потребно. Ние нема да отстапиме, рече тој.

Според него, не треба да се дозволи пораз на Украина и победа на Русија, бидејќи тоа ќе испрати сигнал до „авторитарните режими дека може да употребат сила“. Според него, „поддршката за Украина е во интерес на безбедноста на НАТО“.

Facebook
Twitter
LinkedIn