Индискиот премиер Нарендра Моди свечено ја отвори новата зграда на парламентот, која е дел од владиниот план за промена на британската колонијална архитектура во индиската престолнина.
Реновирањето на срцето на Делхи, во согласност со индиската култура, традиции и симболика, доаѓа една година пред парламентарните избори на кои владејачката националистичка партија Бхаратија Џаната ќе ги претстави резултатите од својата работа во изминатата деценија во обид да освои трет мандат.
Претходно денеска, Моди учествуваше во традиционалните молитви пред комплексот на парламентот, а на церемонијата беа присутни и водечки министри.
Сепак, настанот беше бојкотиран од 20 опозициски партии, кои оценија дека премиерот го крши протоколот и го насочува вниманието кон себе, додека претседателот треба да биде во центарот на церемонијата.
Отворањето нова парламентарна зграда во отсуство на опозицијата значи дека во земјата нема демократија“, изјави лидерката на опозицијата Суприја Суле.
Владата на Моди го отфрли аргументот на своите противници, посочувајќи дека во Индија уставен шеф на државата е премиерот.
Новиот парламентарен комплекс зазема централно место во проектот вреден 2,4 милијарди долари, кој има за цел да ги засени зградите од колонијалната ера во центарот на Делхи и да го отвори патот за нови згради кои го одразуваат карактеристичниот индиски идентитет.
„Нашиот нов парламент е водечка светлина за нашата демократија. Тој го симболизира богатото наследство на нашата нација и нашата енергична потрага по иднината“, напиша Моди на Твитер.
Новиот комплекс се наоѓа директно спроти старата зграда на индискиот парламент, кој е дизајниран од британските архитекти Едвин Лучанс и Херберт Бејкер. Изградена во 1927 година, зградата ќе биде претворена во музеј.