– Најмалку 10 лица загинаа, а 118 се повредени во голема експлозија во магацин за огномет во јужен Тајланд, соопштија локалните власти.
Одделот за односи со јавност на провинцијата Наративат соопшти дека експлозијата погодила жители на повеќе од 200 домаќинства во радиус од околу 500 метри.
Се претпоставува дека под урнатините има уште затрупани луѓе.
На видеа објавени на социјалните мрежи се гледа огромен облак чад над областа и многу оштетени згради, автомобили, мотоцикли и улици покриени со урнатини.
Гувернерот на провинцијата, Санан Понгаксорн, за јавниот радиодифузен сервис Таи ПБС изјави дека експлозијата најверојатно била предизвикана од градежни работи во складиштето и оти искри од заварување метал предизвикале палење и експлозија на огномет.