– Најбогатиот човек на светот, сопственикот на францускиот производител на луксузни стоки LVMH, Бернар Арно, за еден ден изгуби 10,39 милијарди евра, пишуваат денеска медиумите.
Арно, наведената сума пари, наводно ја изгубил вчера по значителниот пад на цените на акциите.
Берзите во САД бележат пад, а загуби особено бележи секторот на луксузни производи. Акциите на компанијата „Луј Витон“ паднаа за 5,0 отсто, а на компанијата Керинг, сопственик на „Гучи“, за 2,97 отсто. Пазарите се загрижени поради несигурната побарувачка за луксузни стоки во САД.
Но, Арно и натаму е најбогатиот човек на светот, а неговото богатство се проценува на 178,12 милијарди евра. Разликата меѓу него и вториот најбогат човек на светот, шефот на „Тесла“ и Твитер, Илон Маск, се намали на 11,13 милијарди евра.