Високите температури во Рим придонесоа за зголемување на популацијата на стршлени во тој град, кои често ги напаѓаат жителите и туристите во италијанската престолнина.
Градот Рим го повикал зоологот Андреа Лунерти, експерт за стршлени, за да ги отстрани бројните гнезда што овие инсекти ги направиле низ градот.
„Во моментов добивам многу повици, од сите страни. Луѓето ги гледаат овие големи инсекти како летаат наоколу, а нивните гнезда се огромни, понекогаш има од 700 до 1.000 единки“, рече Лунерти, пренесе „Гардијан“.
Неодамна, Лунерти добил повик од домот на една постара госпоѓа која се вратила од одмор во Сардинија и открила дека 800 ориентални стршлени изградиле гнездо во нејзината бања.
Минатата недела, чистач на прозорци на возраст од околу 50 години паднал од скеле и починал откако бил нападнат од рој стршлени.
Покрај екстремно топлото време за овој период од годината, Лунерти ги обвинува и купиштата ѓубре во Рим за наездата на стршлените.
Тој вели дека овие два елементи создаваат идеални услови за ширење на инсектите во урбаните средини.
„Рим е многу валкан град, контејнерите се отворени насекаде“, рече Лунерти.
Ориенталните стршлени се присутни и во некои делови на јужна Италија, особено во пристанишните градови како Неапол.