Над 400.000 Авганистанци се вратиле од Иран во последните шест месеци


Неколку жртви во племенски судир во источен Авганистан - МИА

Кабул, 28 јули 2020 () – Повеќе од 400.000 Авганистанци се вратиле во својата земја од соседен Иран во првите шест месеци од годината, соопшти денеска Меѓународната организација на ОН за миграција (ИОМ), пренесе ДПА.


 

Во последните неколку недели Иран депортирал голем број Авганистанци, се наведува во извештајот на ИОМ, но точната причина за депортациите не ги наведува.

Иран е сериозно погоден од пандемијата на коронавирус, што и нанесе дополнителен удар на и онака ослабнатата економија во земјата.

Претседателот Хасан Рохани неодамна кажа дека дури 25 милиони Иранци можеби биле заразени со Ковид-19.

Од 1 јануари од Иран во Авганистан, доброволно или преку депортација, се вратени вкупно 404.868 Авганистанци без документи. Авганистанците ги немале потребните документи за престој или работа во Иран.

Во меѓувреме, од Пакистан се вратени уште 1.933 други Авганистанци, соопшти ИОМ.

Враќањето на Авганистанците ескалира уште од 2018 година кога Иран, погоден од американските санкции, почна да страда и од економска криза, што беше проследена и со намалување на побарувачката за работна рака на Авганистанците.

Во Авганистан има висока невработеност, слаба економија и несигурна безбедносна состојба, што сите заедно ја придвижуваат миграцијата кон соседните земји и остатокот од светот, додаде ДПА.