Над 180 лица приведени на протестите во Белорусија



Групата за човекови права во Белорусија, „Вијасна“ тврди дека повеќе од 180 лица биле приведени за време на денешните протести против претседателот Александар Лукашенко.



Протестите се одржаа во Минск и во други градови и привлекоа илјадници луѓе. Во Минск, големи групи луѓе се собраа во различни делови на градот и покрај снежното време и на таканаречениот „Марш на соседите“ ги блокираа патиштата во некои области, пренесува АП.

„Сосед за сосед против диктатурата“, беше напишано на главниот транспарент.

Полицијата употреби солзавец и шок бомби за да разбие дел од толпата во Минск, а некои демонстранти биле потиснати во станбени дворови и тепани со пендреци, соопшти Центарот за човекови права „Вијасна“.

Според групата, повеќе од 180 лица се приведени низ целата земја.

Пред митингот, во центарот на Минск беа видени водени топови, оклопни возила и полициски комбиња. Неколку метро-станици се затворени, а пристапот до интернет е ограничен.