Американскиот Стејт департмент ги критикуваше најавите на кинеското Министерство за државна безбедност заради усвојувањето на новите мерки во борбата против шпионажата, оценувајќи дека со тоа Пекинг поттикнува контрашпионажа меѓу граѓаните.
-Поттикнувањето на граѓаните да се шпионираат едни со други предизвикува голема загриженост, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер, откако кинеското министерство неделава претходно соопшти дека има воспоставено систем за масовно учество во борбата против шпионажата, јавија британските медиуми.
Кинеското министерство, што се занимава со странските разузнавачки служби и контрашпионажа, во својата прва објава на својот профил WeChat соопшти дека Кина треба да ги охрабри своите граѓани да се приклучат на напорите против шпионажата.
Ова подразбира создавање телефонски линии за поединци да пријават сомнителна активност.
„Работата за контрашпионажата бара мобилизација на сите делови од општеството, што, исто така, комбинира отворена работа и тајна работа, како и специјализирана работа“, пишува весникот „Пекинг Глобал Тајмс“, цитирајќи ја деталната изјава на кинеското Министерство за државна безбедност, јави агенцијата Анадолија.
„Сите државни органи и вооружени сили, сите политички партии и сите народни групи, компании и други општествени организации имаат обврска да ги спречат и запрат шпионските активности и да ја одржуваат националната безбедност“, се додава во изменетиот закон за контрашпионажа.
Британските медиуми додаваат дека се планира и за ова граѓаните да бидат пофалени и наградени.