Меркел и Макрон разговараа со Си Џинпинг во време на зголемени тензии меѓу ЕУ и Кина


Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон денеска одржаа заеднички разговори со кинескиот лидер Си Џинпинг, откако врските меѓу ЕУ и втората по големина светска економија стануваат се позасилени, јавува ДПА.


 

-Видео конференциската врска меѓу тројцата лидери се фокусираше на односите меѓу ЕУ и Кина, меѓународната трговија, заштитата на климата и биодиверзитетот, посочи портпаролот на германската Влада.

Лидерите разговараа и за соработката во борбата против пандемијата на Ковид-19, глобалното снабдување со вакцини и други меѓународни и регионални теми.

Меркел и Макрон се залагаат за заострување на краткорочните цели за намалување на емисиите на јаглерод диоксид, како и за заедничките напори за заштита на биодиверзитетот.

Кинескиот град Кунминг во октомври ќе биде домаќин на конференција на ОН за биодиверзитетот, додека следната конференција на ОН за климатски промени ќе почне малку подоцна во Глазгов, во Шкотска.

Според кинески извори, пренесува ДПА, Си во видео разговорот се залагал за „мултилатерализам и соработка“.

Последен пат тројцата лидери разговараа во април, а тогаш главна тема беше заштитата на климата. Оттогаш, постојано растат тензиите меѓу Кина и ЕУ.

Европа го обвинува Пекинг за нефер трговски практики, за континуирано кршење на човековите права на ујгурското малцинство, задушување на движењето за демократија во Хонг Конг и за покажување на својата воена моќ во територијалните спорови со соседите.

Европскиот парламент во мај го стави во мирување долго планираниот договор за инвестиции меѓу Кина и ЕУ. Тоа беше предизвикано од кинеските контра санкциите во март, што беа одговор на европските казни против официјални кинески лица, одговорни за кршењето на човековите права во Синџијанг.