Масовен пропалестински протест во Брисел, се бараат санкции против Израел



ript>

И покрај постојаниот дожд овој викенд во Брисел, небото се отвори два часа за време на протестот на илјадници граѓани на европската престолнина во име на правата на Палестинците, јави дописничката на МИА од Брисел.


 

Според полицијата над три илјади граѓани излегоа во центарот на Брисел попладнево да протестираат против нападите на израелските воени сили врз палестинското население и да побараат и од белгиската влада и од Европската Унија санкии против Израел.

Организаторите на протестот, Белгиско-палестинското здружение, во соработка со еврејските организации, УПЈБ и Де-колонизер, кои очекуваа максимум илјада луѓе попладнево, и самите се изненадија од масовноста на манифестацијата, посебно со оглед на временските услови.

Грегори Мозе, од Белгиско-палестинското здружение, за МИА објасни дека причината за ова присуство е несомнено ексалацијата на насилството во палестинските територии.

-Очекувавме многу помалку луѓе бидејќи ова е собир што го организираме секоја година за комеморацијата на Накба, односно истерувањето на Палестинците во 1948 кога е создаден Израел, обично има само неколку стотици луѓе, но сега се разбира дека со тоа што се случува се придружија многу луѓе. Многу ни значи затоа што е доказ дека палестинската кауза останува важна во срцата на луѓето и дека останува симбол на борбата за правда, вели Мозе за МИА.

Низ улиците на Брисел луѓе од сите вери, националности, возрасти и убедувања го преплавуваат еден од централните плоштади на градот, се скандираат пароли за крај на окупацијата на палестинските територии, и се изговара без задршка зборот апартхејд, како што потврди и самата организаијата Хјуман Рајтс Воч во својот последен извештај за израелско-палестинскиот конфликт.

За организаторите тоа што се случува во палестинските територии претставува етничко чистење со низок интензитет, објаснува Мозе за МИА.

Кристофер, Белгиец дојден на протест со неговата мала ќерка, вели дека е тука затоа што чувствува потреба да ја покаже неговата солидарност со палестинскиот народ и за да побара од неговата држава да реагира.

-Имаме одговорност да бараме отчетност од нашата влада. Никогаш не заземале сериозна позиција но се надеваме дека ако продолжиме да вршиме притисок, подоцна или порано ќе преземат мерки, но засега нема такви показатели, ништо не ми дава надеж дека ќе направат нешто, вели овој татко за МИА.

Малку подалеку во гужвата, млада девојка со потекло од Палестина дојдена на студии во Брисел, извикува пароли на солидарност со нејзиниот народ. Ни објаснува дека сака да остане анонимна, нејзиното семејство уште живее во окупираните територии.

-Откако заминав, се се влоши таму и моја обврска како Палестинка е да бидам пристуна на овој протест.

За нејзе статус-квото во палестинските територии е неиздржливо веќе, вели таа за МИА.

-Дојде нашето време за отпор, не очекувам ништо, видовме дека кога се надеваме работите се влошуваат и напита браќа и сестри во Газа ја плаќаат цената, така што можеме да кажеме дека сме тука и дека пружаме отпор, раскажува младата Палестинка и ги повикува земјите на Европската Унија да застанат на вистинската страна на историјата.

Конкретно, за организаторите, тоа значи санкции врз Израел и почитување на меѓународното право.

-Бараме санкции се разбира, затоа што гледаме дека досегашниот пристап со Израел не успеа, вербални осуди без конретни мерки води само кон зајакнување на неказнивоста на Израел и во овие услови сметаме дека се потребни дека ЕУ како прв економски партнер на Израел треба да воведе трговски санкции на европско ниво преку суспендирање на договорот за асоцијација со Израел, согласно клаузулата што е содржана во овој договор впрочем, вели за МИА Грегори Мозе.

Клаузулата во договорот ЕУ-Израел предвидува суспендирање на односите помеѓу двете страни во случај на прекршување на човековите права, што за организаторите и учесниците е несомнено во тек во окупираните територии во овој момент.

-Од Белгија бараме да го спроведе тоа што стои во владиниот договор, а тоа дека суспендирање на увозот на производи од колониите, и воведување на санкции, што исто така стои во владиниот договор на белгиската влада, најдобро би било тоа да биде на ниво на ЕУ, но ако треба и преку една група држави членки, па и поединечно. Оваа политика на апартхејд бара одговор од сите држави, ентитети, компании за да се стави крај на ова злосторство против човештвото, објаснува Мозе.

Пред почетокот на протестот неколку политички личности, генерално поблиски до десните партии, изразија страв дека денешната демонстрација ќе доведе до судири. Но, протестот помина мирно и без инциденти, што за организаторите е доказ дека овој собир попладнево не беше собир на една етничка заедница.

На протестот беа присутни и бројни членови на еврејската заедница на Белгија кои заземаа збор пред учесниците за да ја изразат нивната солидарност со палестинскиот народ и остро го осудија однесувањето на израелските власти.

Нивниот настап беше топло поздравен од присутните.