Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека би било „грешка“ за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да го одбие примирјето предложено за Либан.
„Предлогот што беше направен е солиден предлог“, рече тој на прес-конференцијата во Монтреал со канадскиот премиер Џастин Трудо, прецизирајќи дека предлогот е подготвен заедно со самиот Нетанјаху и со САД.
Нетанјаху претходно и порача на армијата да продолжи да се бори „со полна сила“ и не одговори на вчерашниот повик за примирје, соопшти вчера неговиот кабинет, откако медиумите објавија дека тој дал зелено светло за примирје со либанската милиција Хезболах.
Прекуграничната размена на оган меѓу Хезболах и израелската армија започна по почетокот на војната во Појасот Газа меѓу Израел и Хамас.
Судирите се интензивираа по бранот експлозии на комуникациски уреди на Хезболах на почетокот на минатата недела, во кои загинаа 39 лица, а беа ранети 2.931, според либанските власти.
Макрон истакна дека не мисли дека коментарите на израелските власти за предложениот прекин на огнот во Либан се конечни, додавајќи дека ќе работи на тоа Израел да го прифати.
Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац вчера ги отфрли предлозите на САД и Франција за 21-дневен прекин на огнот. Кабинетот на Нетанјаху не одговори на идејата.
„Мислам дека првите коментари кои доаѓаат од Израел не се конечни. Затоа ќе работиме напорно во следните часови за да го убедиме Израел да се согласи и навистина да го исполни примирјето за 21 ден“, рече Макрон.
Макрон, исто така, ги повика САД да го зголемат притисокот врз Израел. Тој нагласи дека и Франција е против тоа Либан да стане нова Газа. Тој го повика Израел да ги запре нападите и Хезболах да престане да возвраќа.