Со говор на литванскиот претседател Гатанас Наузеда предмалку во Вилнус почна состанокот на Северноатлантскиот совет, на кој се присутни лидерите од сите 31 земја членка на Алијансата.
„Литванија никогаш не ја земала слободата здраво за готово. Отсекогаш сме биле верни на принципот ’Еден за сите и сите за еден’, кажа претседателот Наузеда на почетокот на Северноатлантскиот совет – што претставува официјален самит на шефовите на држави и влади на земјите членки на НАТО во Вилнус.
-Русија почна војна против суверена држава на прагот на НАТО. Наспроти оваа заднина, се собравме да донесеме храбри одлуки за тоа како да ја зајакнеме нашата одбрана и да и помогнеме на Украина да победи, рече Наузеда на почетокот на самитот.
Ова е четврти самит на НАТО од почетокот руската инвазија на Украина, при што првиот се одржа на 25 февруари 2022 година, буквално само еден ден по нападот, а потоа слични самити имаше и во Мадрид и Брисел.
Лидерите на овој самит ќе разговараат за широк спектар теми, од несогласувањата околу кандидатурата за членство на Украина до придружувањето на Шведска кон блокот, за што Турција во последен момент, дури вчеравечер, даде зелено светло, до зголемувањето на резервите на муниција на земјите членки и ревидирањето на одбранбените планови за источното крило на Алијансата.