Липовски: Чешка не ги повлекува семејствата на дипломатите од Киев, се надева на дипломатско решение на кризата


Чешкиот министер за надворешни работи, Јан Липевски, по седницата на Кризниот штаб за кризата околу Украина, денеска изјави дека нема потреба од евакуација на семејствата на чешките дипломати од Киев, како што тоа го сторија САД и Велика Британија, бидејќи официјална Прага се уште верува во дипломатско решение со Русија.


 

Липевски ги повика Чесите до следното известување да не патуваат во источните и северните региони на Украина.

Липовски, заедно со словачкиот министер за надворешни работи, Иван Корцок, и неговиот австриски колега, Александар Шаленберг, на 7 и 8 февруари ќе престојуваат во Украина и ќе ја посетат линијата што ги дели проруските сепаратисти.

-Сè уште веруваме во дипломатско решение на кризата и ги поддржуваме сите дипломатски активности. Тие меѓутоа немаат успех и Русија и натаму ги заострува активностите. Одговорот мора да биде брз и силен, рече шефот на чешката дипломатија.

На новинарско прашање тој прецизираше дека овој одговор значи економски санкции и рече дека се согласува, доколку НАТО побара, Чешка да испрати дополнителни воени сили во источното крило на НАТО, во балтичките републики.

-Одлуката да се донира артилериска муниција на Украина е дел од меѓународните напори да се одврати Русија од замислување на агресијата, рече Липевски на прес-конференција.

Чешкиот премиер Петр Фијала денеска во парламентот изјави дека Чешка јасно ја осудува секоја агресија од Русија, но дека ескалацијата на конфликтот не е во интерес на Чешка.

-Се соочуваме со една од најголемите закани за европската безбедност во последната деценија. Сите гледаме како Русија повторно ја ескалира ситуацијата кон Украина. Зголеменото присуство на руските вооружени сили на границата со Украина е неоправдана активност“, рече Фиала.