Руските лекари повеќе од 30 минути се обидувале да го реанимираат Алексеј Навални, рускиот опозициски лидер кој денеска почина во затвор, соопшти локалната болница, а пренесе Интерфакс.
„Лекарите кои пристигнаа на местото на настанот ја продолжија реанимацијата која веќе ја извршија затворските лекари. Тие ја вршеа повеќе од 30 минути. Сепак, пациентот почина“, соопштија од јавната болница во градот Лабитнанги, која се наоѓа во близина на затворската колонија каде Навални служеше долгогодишна затворска казна.
Федералната затворска служба на автономниот округ Јамало-Ненец на својата веб-страница објави дека Навални „се чувствувал лошо“ по прошетката и „речиси веднаш изгубил свест“.
Во соопштението за медиумите се наведува дека бил повикан медицински персонал, но не можел да го реанимира. Причината за смртта на Навални се утврдува, додаваат тие.
Бројни западни лидери го обвинуваат режимот во Москва и рускиот претседател Владимир Путин за смртта на Алексеј Навални.