Лауреатите Нобеловата награда ќе ја примат во својата татковина


Наместо традиционалната церемонија, Нобеловите награди годинава на лауреатите ќе им бидат доделени во нивната татковина, на места одредени од шведските дипломати. Исто така ќе биде ограничен и бројот на гости во согласност со локалните рестриктивни мерки воведени поради пандемијата со Ковид-19.



Портпаролката на Нобеловата фондација најави дека церемониите ќе се одржат на 7 и 8 декември.

– Церемониите ќе траат кратко, додека медалите и дипломите ќе бидат поставени на маса, со употреба на ракавици, се наведува во соопшението од Фондацијата.

Предвидено е наградите да бидат врачени на различни места, како што се државни институции, научни институти, шведските дипломатски резиденции.

Традиционалните предавања ќе бидат пренесувани на 8 декември на интернет-страницата на Нобеловата фондација, како и концертот од Концертната сала во Стокхолм, што ќе се одржи без публика.
Главниот настан ќе се одржи на 10 декември, кога преку видео-врска ќе се обрати шведскиот крал, а потоа ќе се емитува видео-снимка со кандидатите кои освоија награда.

Организаторите соопштија дека овогодинешните добитници на Нобеловата награда ќе бидат повикани на церемонија во 2021 година, со претпоставка дека дотогаш ќе се нормализира епидемиолошката ситуација.

Првпат од 1956 година е откажан банкетот по повод Нобеловата награда. Во 1956не се одржа во знак на протест поради инвазијата на тогашен Советски Сојуз врз Унгарија.