Кремљ посакува конструктивни односи со новиот германски канцелар


Кремљ денеска објави дека сака да воспостави „конструктивни односи“ меѓу рускиот претседател Владимир Путин и Олаф Шолц, новиот германски канцелар, наследник на Ангела Меркел.


 

– Сметаме на континуитет, дека ќе се воспостават конструктивни односи меѓу претседателот и новиот канцелар, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој изрази надеж дека и германската страна ќе смета дека нема алтернатива на дијалогот за решавање на најтешките несогласувања.

И покрај бројните кризи меѓу Русија и Западот и длабоките несогласувања, Ангела Меркел, која зборува руски и Владимир Путин, кој зборува германски, воспоставија срдечни, иако сложени, работни односи во текот на 16-те години од нејзиното владеење, обидувајќи се да ги одвојат геополитичките несогласувања од економските интереси.

Така, иако Германија ги поддржа сите рунди на санкции наметнати против Москва поради конфликтот во Украина или репресијата на руската опозиција, Меркел силно ја поддржа, спротивставувајќи се на притисокот од некои сојузници, изградбата на подводен гасовод меѓу Русија и Германија за снабдување на Европа со руски гас.

Таа во август беше во проштална посета на Москва.

Олаф Шолц е социјалдемократ од големата левичарска партија, како и претходникот на Меркел, Герхард Шредер, пријател на Путин кој стана претседател на Управниот одбор на Роснефт, рускиот нафтен гигант.