Која е сопругата на Педро Санчез која сега е во центарот на скандал: се запознале на забава, има неверојатна биографија

pedro-zena.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Истрагата што ја отвори судот во Мадрид против Бегоња Гомез, сопругата на премиерот Педро Санчез, има неизвесна иднина, по жалбата на обвинителите.


Иако претходните денови потенцираше дека размислува да поднесе оставка, Санчез најави дека ќе остане на премиерската позиција и дека ќе се бори заедно со сопругата. Таа е обвинета за корупција и трговија со влијанија и за многумина е мистериозна, со оглед на тоа што не се истакнува премногу во јавноста.

Мигел Бернард, генералниот секретар на организацијата „Чисти раце“, кој ја обвинуваше Бегоња Гомез, во изјава ја призна можноста дека извештајот да се заснова на лажни информации објавени од некои дигитални медиуми. Од друга страна, извор од обвинителството за Си-Ен-Ен Шпанија изјави дека во содржината на тужбата против сопругата на шпанскиот премиер нема индиции за какво било кривично дело.

Предметот е во претходна постапка, која во овој случај е тајна.

Според обвинението, до кое пристапи Си-Ен-Ен, Бегоња Гомез наводно ја користела својата позиција за да влијае на деловните зделки.

Сопругата на премиерот на Шпанија засега јавно не ги коментираше обвинувањата, а одби каков било публицитет во медиумите.

Која е Бегоња Гомез

Иако не е присутна на најпопуларните социјални мрежи, Гомез е активна на „Линкд ин“, фокусирана на својата работа.

Таму таа наведува дека студирала маркетинг во Мадрид, а потоа магистрирала бизнис менаџмент и маркетинг.

Работеше нешто повеќе од 18 години во Групо Инмарк, каде беше консултант за стратегија и тимски тренинг до 2019 година.

Според нејзиниот професионален профил, Гомез била извршен директор на Африканскиот центар на Универзитетот Институт де Емпреса (ИЕ) помеѓу 2018 и 2022 година.

Таа е и директорка на катедра за социјална трансформација на Универзитетот Комплутенсе во Мадрид. Во нејзината порака на страницата повикува „да размислиме за модели кои ни дозволуваат да го ресетираме капитализмот како што Милтон Фридман го разбра пред повеќе од 50 години“, додавајќи дека „компаниите се повеќе се свесни за потребата да се поврзат со општеството бидејќи тоа ги прави посилни, поконкурентни и привлечни за нивните интересни групи“.

Гомез исто така посочува дека од 2018 година е партнер и координатор на работната група за социјална трансформација на бизнисот и од 2012 година партнер на шпанската асоцијација за прибирање средства.

Љубовна приказна со Педро Санчез

Бегоња Гомез и Педро Санчез се венчаа во 2006 година и се запознаа преку заеднички пријатели.

„Отидов со моите пријатели на забава и таму запознавме група пријатели кои ме запознаа со Педро. Ми беше симпатија, да бидам искрена“, рече Бегоња Гомез во видеото објавено во 2014 година.

Двојката има две ќерки.

Во Шпанија партнерот на шефот на владата не се смета за прва дама и затоа нема јавна функција.

Сепак, Гомез, како и сопругите на другите лидери, го придружуваше Санчез на официјални церемонии како што се гала вечерата на самитот на Северноатлантскиот договор (НАТО) во Мадрид и Г-20 во Бали, Индонезија.

Според соопштението на Претседателството, цитирано од „El Confidencial Digital“, „премиерот патува во придружба на неговата сопруга кога тоа го налагаат или советуваат потребите на протоколот и застапувањето“, но се појаснува дека Гомез тоа не го прави како претставник на државата, ниту пак добива надомест за тоа.

Во текот на 2020 година, Бегоња Гомез беше една од личностите кои заедно со неколку членови на извршната власт го предводеа феминистичкиот марш за Меѓународниот ден на жената. Неколку дена подоцна, владата потврди дека таа е позитивна на коронавирусот, на почетокот на пандемијата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK