Кој е одговорен за климатската криза? Обелоденување на јаглеродната нееднаквост


Научните докази кои укажуваат на тоа дека климатската криза е резултат на човекова активност и согорување на фосилни горива се бројни и често дискутирани. Од друга страна пак, непријатните дискусии околу тоа кој е во најмногу одговорен за оваа криза, се ретки. Неодамнешен извештај ја разгорува оваа дебата преку дискусијата за „јаглеродната нееднаквост“ од која произлегува дека јаглеродната нееднаквост мора да има централно значење во подготовка на плановите за обновување по КОВИД-19 пандемијата.



„Како што покажува новиот извештај на Оксфам, моменталниот економски модел е овозможувач на катастрофални климатски промени и подеднакво катастрофална нееднаквост. Пандемијата КОВИД-19 обезбедува неоспорен императив за подобро обновување и поставување на глобалната економија на поодржлива, отпорна и поправедна основа. Справувањето со непропорционалните емисии на јаглерод од страна на најбогатите во општеството мора да биде клучен приоритет како дел од оваа колективна обврска.“

~Бан Ки-мун, заменик претседател на The Elders, поранешен генерален секретар на Обединетите Нации

Новиот извештај на Оксфам и Институтот за животна средина во Стокхолм (СЕИ) ги истакна неправдите зајакнати со климатската криза во однос на јаглеродната нееднаквост. Помеѓу 1990 и 2015 година, годишните емисии се зголемија за 60% и кумулативните емисии (акумулацијата на емисии испуштени во атмосферата со текот на времето) се дуплираа. Истражувањето покажува како најбогатите поединци на планетата во голема мера биле одговорни за ова и како најсиромашните се оние кои ги трпат најголем дел од последиците. Исто така, се дискутира за врските помеѓу климатските промени, економскиот раст, сиромаштијата и целокупната нееднаквост.

Јаглеродна нееднаквост… броевите

Оксфам и СЕИ се обидоа да откријат кој е најмногу одговорен за климатската криза со припишување на емисиите на јаглерод на групи со различни приходи ширум светот, врз основа на тоа какви добра и услуги консумираат. Тие ги направија своите проценки врз основа на периодот од 1990-2015 година. За да ги разбереме овие бројки, важно е да ги дефинираме следниве два поима:

Кумулативни емисии на јаглерод – акумулација на емисии испуштени во атмосферата со текот на времето.

Глобален јаглероден буџет – максималниот износ на кумулативни емисии што може да се испушти ако сакаме да го одржиме глобалното затоплување под 1.5 степен Целзиусов до 2100-та година. По овој момент, емисиите мора да се сведат на нула.

  • Најбогатите 10% во светот (околу 630 милиони) беа одговорни за 52% од кумулативните емисии на јаглерод. Ова значи дека тие потрошиле скоро третина од јаглеродниот буџет во таа временска рамка
  • Најсиромашните луѓе во светот (50% од населението, приближно 3,1 милијарди луѓе) придонеле со само 7% од кумулативните емисии и потрошиле само 4% од јаглеродниот буџет
  • Ако ги погледнеме најбогатите 1% (63 милиони луѓе), ќе видиме дека тие биле одговорни за 15% од кумулативните емисии и исцршување на 9% од јаглеродниот буџет. Ова значи дека само 1% од глобалното население (најбогатите) има двојно поголем придонес (одговорност) за климатската криза од вкупниот придонес на долната половина – 50% од глобалното население (односно сиромашните во светот)
  • Најбогатите 5% (315 милиони луѓе) предизвикаа 37% раст на емисиите
  • Најбогатите 1% имаа тројно поголем износ на раст на емисиите во споредба со најсиромашните 50%

Овие бројки не само што покажуваат диспаритет во распределбата на богатството, туку и на нееднаквостите и одговорноста околу емисиите на јаглерод и климатската криза. Со ова темпо, глобалниот јаглероден буџет (за да останеме под 1.5 степен Целзиусов затоплување) ќе се потроши до 2030 година. Нивото на нееднаквост е толку големо што дури и ако сите ние во светот ги намалиме своите индивидуални емисии на 0, а само најбогатите 10% од населението не го направат тоа, истекот на јаглеродниот буџет ќе се одложи за само неколку години после 2030 година.

Јаглеродната нееднаквост не само што значи дека најбогатите се најодговорни за емисиите на јаглерод, туку исто така и дека посиромашното и маргинализираното население е она кое страда од последиците од климатската криза. И покрај тоа што се најмалку одговорни за оваа криза, тие денес веќе ги чувствуваат тие влијанија (распространети суши, пораст на нивото на морето, намалена безбедност на храна, екстремни временски непогоди). Исто така, треба да бидат земени во предвид и неправдите околу тоа дека идните генерации ќе наследат осиромашен јаглероден буџет и планета опустошена од климатската криза.

Економски раст и сиромаштија

Интересен, иако не изненадувачки, е податокот дека глобалниот Бруто домашен производ (БДП) исто така двојно се зголемил за време на периодот од 1990-2015 година. И покрај ова наводно зголемување на глобалното богатство, многу мал е напредокот кон намалување на бројот на луѓе кои живеат во екстремна сиромаштија (оние кои заработуваат приближно 1,60 € (односно 100 МКД) / ден). Напротив, сведоци сме на  зголемување на нееднаквоста во приходите низ целиот свет. Значи, додека БДП двојно се зголеми за 25 години, скоро половина од светската популација заработуваше помалку од 5 евра (300 МКД) на ден.

Бројката го прикажува учеството на кумулативните емисии од 1990 до 2015 година и употребата на глобалниот јаглероден буџет за затоплување под 1.5 степен Целзиусов поврзана со потрошувачката од страна на различни групи на приходи глобално. (Извор Оксфам)

Справување со јаглеродната нееднаквост

Справување со климатската криза значи драматично намалување на нашите емисии на јаглерод. Но, исто така треба да разбереме дека активностите на една земја или една популација се различни и значително попроблематични од други. Оваа информација дополнително иницира комплексни прашања во врска со разликата помеѓу индивидуалните активности за намалување на индивидуалниот јаглероден отпечаток и потребата за системски промени во начинот на функционирање на нашите економии. За ова ќе пишуваме повеќе во следна статија.

Доколку 10%-те од најбогатото население го намалат својот јаглероден отпечаток до 2030 година (до нивото во согласност со целта за ненадминување на глобалносто затоплување 1.5 степен Целзиусов), годишните глобални емисии ќе се намалат за повеќе од една третина. Ако нивниот јаглероден отпечаток се намали на еднакво ниво со просечниот ЕУ јаглероден отпечаток од околу 8,2 тони годишно, годишните емисии ќе се намалат за повеќе од една четвртина на глобално ниво.

За да го разбереме ова понатаму, да ги погледнеме емисиите од транспортот. Неодамнешна студија покажа дека најбогатите 10% домаќинства на глобално ниво се одговорни за 45% од енергијата поврзана со копнениот транспорт и 75% поврзани со авијацијата. Најсиромашните 50% од глобалното население се одговорни за само 10% од потрошената енергија за копнен транспорт и за само 5% за авијацијата.

Вкупни и емисии на потрошувачка по глава на жител на лица во различни групи на приходи глобално во 2015 година (Извор Оксфам)

Препораки за правилно закрепнување по КОВИД-19

Бидејќи светот се подготвува за неизбежни тешкотии заради пандемијата КОВИД-19, извештајот дискутира и за тоа како треба да ја искористиме оваа можност за да ги реобмислиме и да ги трансформираме нашите економски модели со план за зелено и праведно закрепнување. Врз основа на нивните откритија, Оксфам и СЕИ презентираа сет на препораки кои имаат за цел да ги стават „кризите близначки – климатската и кризата на нееднаквоста, во срцето на напорите за обновување од пандемијата КОВИД-19“. Препораките предвидуваат иднина со поправедни економии кои работат во границите на планетата, правејќи нè поотпорни на шокови како што се оние со кои се соочуваме во моментов. За да се постигне ова, владите низ светот мора да размислуваат во насока на поставување:

  1. Данок на богатство и луксуз: вклучувајќи возила со високи емисии (џипови, приватни авиони, суперјахти и сл.); чести летови, патувања во деловна класа итн. Таквото оданочување може само од себе да финансира соодветни, универзални социјални услуги
  2. Јавни инвестиции во:

А. Работа: Пристојни работни места, зголемен баланс помеѓу работата и живеењето и генерално намалување на работењето;

Б. Транспортна инфраструктура. Како што се електрична мобилност, јавен превоз, возење велосипед итн. Но, исто така, подобрување на дигиталните комуникации за да се намали притисокот од интензивниот транспорт;

В. Здравство и социјална грижа што е особено важно за жените, групите со ниски примања и маргинализираните групи.

  1. Отчетност на приватниот сектор: забрана за рекламирање на јавни простори, повеќе циркуларни деловни модели, нагласување на правото за поправка на производи, справување со корпоративниот „краток рок“ и зајакнување на одговорноста за долгорочните социјални влијанија и влијанијата врз животната средина.
  2. Политики засновани на научни докази и општествена рамноправност околу намалувањето на јаглеродните емисии, како и креирање на економските индикатори кои се далеку пореални од БДП.
  3. Вклучување на принципи на социјален дијалог за вклучување на гласовите на недоволно застапените групи на луѓе и заедници; вклучително и работници од погодените индустрии (фосилната), жени, маргинализирани групи, домородно и локално население итн.

Овие принципи се водени од принципите на интерсекционална климатска правда; разбирање дека јаглеродните нееднаквости одат заедно со нееднаквостите и неизбалансираните структури на моќ поврзани со полот, расата, возраста, класата итн. Ваквите принципи и препораки обезбедуваат можност за транзиција во економии кои ќе се справуваат со климатската криза, но исто така ќе создаваат и општества на јавни изобилство, колективна благосостојба и меѓусебна грижа.

 

The Climate Herald објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.

Автор: Џеј Ди Фаруџиа | Превод и адаптација: Симона Гетова

Џеј Ди работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата од 2010. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар. Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.

 

 

 

 

 

Симона е докторант во областа на политичката екологија на катедрата за политички и социјални науки на Универзитетот Помпеу Фабра во Барселона. Таа е организатор за климатска и социјална правда и работи на пресеците на политичкото образование, управувањето и колективното делување за социјално-праведни и еколошко-здрави заедници на Балканот и пошироко.


Вести

За еден ден во ковид центрите во Скопје хоспитализирани 52 пациенти, вкупно се лекуваат 437 лица со Ковид-19

– Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализрани се 52 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 437 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот […]

Вести

Македонскиот јазик и идентитет се неспорни, можен патоказ кон Договорот со Бугарија, но не како дел од преговарачката рамка

– Македонскиот јазик и идентитет не се предмет на преговори, потенцираа вчера високи претставници на Владата и напоменаа дека темната страна на историјата треба да остане зад нас, а решенијата со Бугарија да се бараат […]

Вести

Бројките на новозаразени се стабилизираат, мерките се ефикасни ако се почитуваат

– Мерките за заштита од вирусот даваат резултати и доколку се почитуваат, дополнителни не се потребни, рече министерот за здравство Венко Филипче. Тој вчера соопшти дека врвот на епидемијата е достигнат пред една недела и […]

Биди првиот кој ќе коментира

Вашиот коментар

Твојата е-маил адреса нема да биде објавена.


*