Кина на Балканот гледа како на вратата кон Европа, но растечкиот скептицизам ја затвора


23 февруари 2021 


 

„Саут Чајна Морнинг Пост“, Хонг Конг

Неколку дена пред самитот меѓу кинескиот претседател Си Џинпинг и 17 земји од Централна и Источна Европа, на почетокот на овој месец, речиси 90 кинески инвеститори се собраа во големата сала во хотел во Пекинг за да го слушнат повикот на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.

-Ако не знаете како да планирате, тешко е да ја постигнете својата цел и ако не знаете како да планирате, ќе пропаднете, рече Ѓукановиќ, цитирајќи го древниот кинески воен стратег Сун Цу.

Црногорскиот претседател од собирот кажа дека неговата земја, со околу 680.000 жители, ги поздравува кинеските инвестиции во нивните сектори за туризам, енергетика и транспорт.

Ѓукановиќ продолжи, објаснувајќи дека „Кина и Црна Гора треба подобро да ги осознаат  предизвиците со кои се соочува светската економија и да работат заедно за да се најде соодветно решение“.

Црна Гора е една од малите балкански земји што бараат кинески инвестиции за да ги заживеат своите бавни економии по пандемијата со Ковид-19, и покрај зголемените сомнежи дали Пекинг може да ги исполни своите ветувања, наведуваат набљудувачите.

Еден проект, финансиран во рамките на кинескиот договор „Еден појас, еден пат“, е автопатот вреден 750 милиони американски долари, што е критикуван заради зголемувањето на јавниот долг на Црна Гора на 80 отсто, но Ѓукановиќ вели дека се надева оти токму тој ќе даде силен поттик за побрзо економско закрепнување во ерата на постпандемијата.

-И геополитички и пазарно, кинеското раководство на Балканот гледа како на отскочна даска или на отворена врата кон Европа. Тој е производ на стратешката географија на регионот, што го става на раскрсницата меѓу Европа и пошироко Евроазија, изјавува Вук Вуксановиќ, истражувач во белградскиот Центар за безбедносна политика. „Покрај тоа, додава тој, некои земји, како Србија, на пример, се кандидати за членство во ЕУ, што е корисно за амбициите на Кина да се поврзе повеќе со пазарите во ЕУ“.

-Политичките врски се производ на кинеската амбиција и желбата на локалните нации да ги истражат можностите што ги нуди, додава Вуксановиќ.

„Иако повеќето од кинеските инфраструктурни проекти се засновани на заеми, она што Кина го нуди е особено привлечно за земјите од Западен Балкан кои не се членки на ЕУ, а сакаат да добијат средства за да го достигнат остатокот од континентот“, смета Филип Себок, аналитичар во тинк тенкот од Прага „Здружение за меѓународни односи“.

-Балканските земји генерално се поприфатливи за деловниот модел на Кина, што Кина успешно го користи во земјите во развој, рече Себок. „Има помалку регулаторни бариери, а пријателското позитивно опкружување е исто така фактор“.

Движењето е особено видливо од бројките за инвестиции. Во 2010 година, четири членки на ЕУ – Унгарија, Чешка, Полска и Словачка  добија 78 отсто од кинеските инвестиции во 16 земји од Централна и Источна Европа, додека само 20 отсто отидоа на Балканот. Но, до 2019 година, една година пред Грција да се приклучи на групата 17 + 1, инвестициите на Балканот се зголемија двојно на 41 отсто, наспроти 43 отсто за четирите централноевропски држави.

Кина, исто така, ги засили инвестициите на Балканот и на многу земји, кои не се членки на ЕУ,  им вети дека ќе ги снабдува со вакцини против Ковид-19. Од 53 трговски договори и заеми објавени за време на последниот самит, „17 + 1“, 25 беа наменети за пет земји: Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија.

Сомнежите, сепак, остануваат на долг рок.

-Бидејќи светот се бори со пандемијата и проширувањето на ЕУ не напредува во регионот, локалните нации се загрижени за краткорочните и среднорочните предизвици за економскиот и инфраструктурниот развој, рече Вуксановиќ. „Долгорочното прашање останува дали Балканот ќе се оддалечи подалеку од ЕУ, бидејќи кинеските стандарди се различни од европските.

Една деценија по покренувањето на иницијативата „17 + 1“, многу европски земји се повеќе се незадоволни од резултатите, наведувајќи ги растечките трговски дефицити со Кина, неуспехот во создавањето работни места и бавноста на Пекинг во отворањето на своите земјоделски извозни пазари.

-Долго време, на Кина се гледаше како на нов возбудлив потенцијален инвеститор што ќе им даде нов поттик на економиите на Централна и Источна Европа, рече Себок.

„Но, во повеќето случаи, реалните резултати од кинеските инвестиции заостануваат во однос на очекувањата. Фактот што голем дел од инвестициите всушност не донесоа нови работни места, исто така ја влоши ситуацијата. Значи, очекувањата дека Кина ќе биде ветувачки нов инвеститор сега се многу потапи.

Годинава лидерите на шест земји на ЕУ – Бугарија, Романија, Словенија, Литванија, Летонија и Естонија –  не успеаја да присуствуваат на самитот „17 + 1“ со Си Џинпинг, испраќајќи повеќе помлади претставници.

 

Си вети дека Кина во следните пет години ќе извезе стоки во вредност од 170 милијарди долари и двојно го зголеми купувањето земјоделски производи од регионот, но ветувањето можеби нема да биде доволно за да се смири загриженоста. Ветувањето од 2012 година дека за три години, до 2015 година, ќе се зголеми трговијата со регионот до 100 милијарди американски долара до минатата година не беше исполнето.

-Тука едноставно не станува збор само за зголемување на трговијата, туку всушност за средбата „17 + 1“ во средината и за подобрувањето на пристапот до трговијата. Откако еднаш ќе се појават на пазарот, земјоделските производи на ЦИЕ, исто така, се соочуваат и со силна конкуренција, на пример од Австралија или Нов Зеланд, кои имаат договори за слободна трговија со Пекинг, изјави Себок.