Украински војници сè уште има во окупираниот источен украински град Бахмут, соопшти официјален Киев по тврдењата од Русија дека нејзините сили го зазеле целиот град по неколкумесечни борби.
– Нашите војници контролираат одредени објекти во Бахмут и секторот со семејни куќи во областа „Авион“ (Літак), соопшти заменик-министерката за одбрана Хана Малиар на Телеграм.
Таа информира дека борбите продолжуваат околу ридовите северно и јужно од градот, и оти руските трупи носат дополнителни резерви.
– Одбраната на Бахмут ја исполнува својата воена задача, нагласи Малиар додавајќи дека „офанзивниот потенцијал на непријателот е значително намален и се нанесени огромни загуби на непријателот“.
Според неа, украинската армија „добила на време“ за одредени дејствија.
Во и околу Бахмут во регионот Доњецк со месеци се водат борби. За време на викендот, Москва најави целосно освојување на речиси сосема уништениот град, кој некогаш имал 70.000 жители.