Извештај на Агенцијата за фундаментални права на ЕУ: Основните права во Европа под притисок на војната, сиромаштијата, говорот на омраза и новите технологии

1
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Бегалската криза поради војната во Украина, зголемувањето на сиромаштијата кај децата, говорот на омраза и заштитата на човековите права во ерата на технолошки промени се главните прашања со кои се соочија европските земји во текот на 2022 година во областа на човековите права, нагласено е во извештај објавен денеска од Агенцијата за фундаментални права на Европската унија (ФРА).

Во извештајот „Основни права 2023“, ФРА посочува дека поради руската агресија, речиси осум милиони луѓе ја напуштиле Украина и побегнале во други европски земји. Од тој број околу четири милиони добија привремена заштита. Агенцијата оценува дека земјите од ЕУ мора да бидат подготвени за потрајна интеграција на бегалците.


Сепак, постојат разлики меѓу членките на ЕУ, особено кога станува збор за должината на заштитата на бегалците кои легално престојувале во Украина до војната, а се без државјанство или државјани на трета земја.

Извештајот како позитивен пример ги наведува земјите-членки на ЕУ каде централните власти се грижат за сместувањето на бегалците и каде бегалците се рамномерно распоредени низ државната територија, но сепак укажува на општиот проблем со недостаток на финансиски средства и ограничените капацитети за сместување.

Според извештајот, многу бегалци работат на работни места кои се далеку под нивните квалификации. ФРА, исто така, бара подобри решенија кога станува збор за учење на бегалците на јазиците на земјите домаќини и признавање на нивните дипломи.

Потсетувајќи дека убедливо најголемиот дел од бегалската популација се жени, дека многу се грижат за деца и стари лица, ФРА нагласува дека сите одредби поврзани со уживањето на специфични права и бенефиции мора да бидат родово чувствителни и прилагодени.

ФРА наведува дека е неопходно да се обезбеди финансиски достапно и удобно домување, да се понудат работни места кои одговараат на вештините и квалификациите, да се интегрираат децата во редовните училишта и градинките и да се обезбеди индивидуална поддршка на жените кои доживеале сексуално насилство и експлоатација.

Во врска со бегалската криза, евидентирани се случаи на сексуално и родово насилство, трговија со луѓе, ксенофобни дезинформации и говор на омраза кон малцинствата и маргинализираните, особено ранливите групи, како што се ромите, се наведува во извештајот.

Како едно од клучните прашања во областа на основните права во 2022 година, ФРА ја наведува растечката сиромаштија кај децата. Поради пандемијата на коронавирусот, а потоа и високата инфлација, како што е наведено, секое четврто дете е во ризик од сиромаштија.

Агенцијата ја повикува Европската унија и националните влади да користат буџетски ресурси за да ја ублажат детската сиромаштија, особено во посиромашните и ранливите домаќинства, како што се самохраните родители, Ромите и мигрантите.

Едно од клучните прашања во 2022 година беше, според извештајот, злосторствата од омраза и говорот на омраза, особено на интернет, што исто така делумно беше поттикнато од руската агресија врз Украина.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK