Израелски претставник: Светот треба да му се заблагодари на Израел за убиството на Фахризаде



 

Светот треба да му се заблагодари на Израел за убиството на иранскиот нуклеарен научник Мухсин Фахризаде, изјавил израелски официјален претставник кој анонимно зборувал за американските медиуми, пренесува „Анадолија“.

Изјавата на израелскиот претставник за „Њујорк тајмс“ привлече внимание бидејќи атентатот на Фахризаде го потресе регионот. Иако Израел официјално не ја презеде одговорноста, коментарот на израелскиот претставник покажува дека Тел Авив стои зад атентатот.

Израелскиот службеник, кој, наводно, со години бил вклучен во следењето на Фахризаде, рече дека Израел ќе продолжи да ги презема неопходните чекори против иранската нуклеарна програма. Тој рече и дека желбата на Иран да добие нуклеарно оружје, кое го создаваше Фахризаде, претставува закана и светот треба да му се заблагодари на Израел за убиството.

Во презентацијата за нуклеарната програма на Иран во април 2018 година, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху конкретно го спомна името на Фахризаде, кој беше познат како „мозокот“ на нуклеарната програма.

Според израелскиот весник „Једиот Ахронот“, Нетанјаху посочил дека Израел играл улога во убиството на Фахризаде на прес-конференцијата што ја одржа за ова прашање.

Фахризаде, кој раководеше со истражувањето и иновациите во иранското Министерство за одбрана, беше нападнат во петокот во округот Дамаванд близу Техеран. Напаѓачите, наводно, детонорале возило пред Фахризаде и пукале кон неговото возило, ранувајќи го и него и другите со него.

Ранетите веднаш биле пренесени во болница, каде Фахризаде починал од здобиените повреди.

Иранскиот претседател Хасан Рухани во саботата им се придружи на највисоките претставници во обвинувањето на Израел за убиството на Фахризаде. Тоа е напад што го разгорува пламенот на напнатоста во регионот.

Нападот предизвика гнев и бес низ целиот Иран. Голема група демонстранти се собра пред канцеларијата на Рухани во Техеран доцна во петокот и побара одмазда. Тоа е втор атентат врз кучен Иранец од јануари кога во американски воздушен напад беше убиен генералот Касем Солејмани во Багдад.