Италијанските пратеници гласаат за доверба на Владата


– Италијанските пратеници во Претставничкиот дом денеска ќе гласаат за доверба на Владата на премиерот Џузепе Конте, откако партијата Италија Вива на Матео Ренци излезе од владината коалиција.



Доколку го „преживее“ ова гласање, во вторник следи уште едно за доверба на неговата левоцентристичка Влада, овојпат во Сенатот.

Доколку 56-годишниот премиер не ја добие довербата на двете гласања, Владата веројатно ќе падне од власт.

Гласањето доверба дојде по одлуката на Ренци да ја повлече неговата партија од владината коалиција, со што Владата го изгуби мнозинството во Парламентот.

По неколку седмици критики и закани, Ренци пред пет дена соопшти дека две министерки од неговата партија заминуваат од Владата. Ренци го обвини Конте дека се обидува да го заобиколи Парламентот во одлучувањето за тоа каде да се насочат 200 милијарди евра средства од ЕУ, наменети за обнова на економијата по пандемијата.