Истражување: Производителите на електроника не можат да најдат квалификувани работници



– Речиси на четири од пет производители на електроника им е се потешко да најдат квалификувани работници, покажуваат резултатите од истражувањето на глобалната Асоцијација на производители на електронски компоненти – ИПЦ врз основа на проблемите со недостиг од чипови и доцнење на испорака.


 

Околу 80 проценти од испитаниците во последното истражување одговориле дека имаат проблеми со наоѓање работници, а повеќе од две третини, исто така, истакнуваат дека трошоците за работна сила се зголемуваат, соопшти ИПЦ.

Асоцијацијата ги претставува производителите како Фокскон, но и гиганти како Интел, и производители на печатени плочки и други компании во индустријата за електроника. Недостатокот на работна сила е најизразен во Северна Америка и Европа и компаниите најверојатно ќе треба да ги зголемат платите за да привлечат работници, наведува главниот економист и истражувачки лидер на ИПЦ, Шон Дубравак.

Повеќе од една третина од компаниите велат дека овозможуваат пофлексибилно работно време или дополнителна обука и едукација. Проблемите со работната сила се совпаднаа со глобалниот недостиг на чипови, за кои испитаниците од ИПЦ проценуваат дека нема да се ублажат пред втората половина на 2022 година.