Испораката на кинеска вакцина во Турција доцни поради цариник со Ковид




Испораката на првата пратка на кинеската вакцина „Синовак“ во Турција е одложена за неколку дена поради случај со коронавирус регистриран кај цариник во Пекинг, изјави денеска турскиот министер за здравство Фахретин Коча.

„Поради случајот со Ковид-19 на царината во Пекинг, постапката е привремено прекината“, напиша Коча, пренесува Ројтерс.

Од тие причини, како што изјави, доставата на вакцините ќе се одложи за ден до два.

Турција се договори да купи 50 милиони дози од оваа вакцина, а првата испорака од три милиони требаше да пристигне утре.

Анкара ќе набави и 4,5 милиони дози од вакцината развиена од „Бионтек“ и „Фајзер“, со опција подоцна да добие уште 30 милиони дози.