Исламистичка група убила 25 цивили во село на истокот од Демократска Република Конго


– Дваесет и пет цивили ноќеска се убиени во напади на групата Сојузнички демократски сили (АДФ), во областа Бени на истокот од Демократска Република Конго.



-Вооружените лица упаднаа во селото и убија 25 цивили во текот на ноќта, изјави гувернерот на Северен Киву, Карли Нзанзу Касивита, пренесоа француските медиуми.

„Армијата интервенира и уби двајца од напаѓачите“, додаде гувернерот на провинцијата во која се случи нападот.

Беу Манџама-Молисо, каде се убиени цивили, е мало шумско село на територијата на Бени, на границата со соседната територија Ируму, во провинцијата Итури.

САД неодамна АДФ ја ставија на црната листа на терористички организации поврзани со групата Исламска држава.

Оваа група е убедливо најжестока во пресметките меѓу 122-те групи кои се уште се активни на истокот на ДР Конго, во кризата што трае во последните 25 години.

Од почетокот на годината во нападите кои и се припишуваат на АФД  убиени се речиси 200 лица, а десетици други се повредени, додека 40.000 лица се раселени во регионите Бени и Ируму, се наведува во неодамна објавениот извештај на Обединетите нации.

АДФ е составена од муслимански бунтовници од Уганда, кои од 1995 година се борат на истокот на Конго.