Исак Херцог стана 11. претседател на Израел


Исак Херцог, потомок на истакнато израелско ционистичко семејство, денеска положи заклетва во изралескиот парламент, Кнесетот, и со тоа стана новиот, 11-ти претседател на еврејската држава.


 

Шеесетгодишниот Херцог ја презеде оваа во голема мера церемонијална функција, колнејќи се пред пратениците со рака на Библијата.

Тој на функцијата го замени 81-годишниот Рувен Ривлин, чиј седумгодишен мандат истече, ветувајќи дека ќе ги премости длабоките поделби во израелското општество.

Таткото на Херцог, Хаим, беше шестиот претседател на Израел во 80-тите години на минатиот век, а пред тоа и израелскиот амбасадор во ОН.

Дедото на новиот претседател, Јицак Халеви Херцог, беше првиот главен рабин во еврејската држава, а неговиот братучед Аба Ебан беше шеф на дипломатијата и амбасадор во ОН и САД.

„Вистина е дека помалку ти завидувам. Наскоро ќе откриеш каква голема и прекрасна привилегија имаш да бидеш претседател на сите разновидни заедници на Израел, Евреи и Арапи, религиозни и секуларни, млади и стари”, напиша поранешниот шеф на државата Ривлин во писмото до наследникот, објавено на Твитер.

Херцог беше избран за претседател од Кнесетот во јуни, а претходно беше лидер на левичарската Лабуристичка партија и ја водеше опозицијата во парламентот.

Новиот претседател на Израел е избран во време на длабоки поделби во израелското општество и затоа најави дека има намера да биде претседател на сите и да работи на зачувување на израелската демократија. Тој оцени дека Израелците очекуваат од него, како што рече, „да го намали тонот, да го намали пламенот и да ги смири работите“.