Иран ја повика МААЕ да не објавува детали од нуклеарниот договор од 2015 година


– Иран денеска ја повика Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) да избегне да објавува „непотребни“ детали за иранската нуклеарна програма, еден ден откако Германија, Франција и Велика Британија ја повикаа земјата да се откаже од последното планирано кршење на меѓународниот нуклеарен договор со големите сили, објавија локалните медиуми.



Иранскиот нуклеарен оддел побара од МААЕ да избегне објавување детали што може да доведат до забуна, се наведува во извештајот на иранска локална ТВ станица.

Германија, Франција и Велика Британија вчера го повикаа Иран да се откаже од последното планирано кршење на меѓународниот нуклеарен договор со големите сили, соопштувајќи го ставот дека Техеран нема кредибилна цивилна употреба за метален ураниум.

МААЕ во четвртокот соопшти дека Иран го известил дека почнал да инсталира опрема за производство на ураниум во форма на метал. МААЕ притоа изјави дека Иран останува посветен на истражувањето и развојот на производството на метален ураниум, во согласност со „прокламираната цел за дизајнира подобрен вид на гориво“.

Иран, меѓутоа , денеска одговори дека МААЕ уште пред речиси две децении е известена за нивните планови за производство на ураниум во метална форма за производство на ураниум силицид, гориво што се користи во нуклеарните реактори, а што е побезбедно и помоќно од горивата на база на ураниум оксид, што во моментов ги произведува Иран.