Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска во Ријад изјави дека се надева дека палестинското движење Хамас ќе ја прифати „исклучително дарежливата“ понуда за запирање на израелската офанзива во Појасот Газа во замена за ослободување на заложниците.
„Хамас има понуда пред себе која е крајно, крајно дарежлива од израелска страна“, рече Блинкен на Светскиот економски форум, пренесува Тајмс оф Израел.
Тој нагласи дека Хамас мора брзо да донесе одлука за понудата.
„Се надевам дека ќе донесат правилна одлука“, рече Блинкен.
Делегација на Хамас денеска треба да престојува во Каиро за да преговара за прекин на огнот во Газа.
Во саботата, висок функционер на Хамас, Калил ал-Хаја, рече дека групата го разгледува предлогот на Израел, но не даде детали.
Тој истакна дека понудата на Израел за примирје е одговор на предлогот на Хамас испратен пред две недели.
Светските медиуми објавија дека предлогот предвидува примирјето, доколку биде склучено, да биде претставено како „хуманитарен прекин на огнот“.
Хамас ќе ги ослободи заложниците во замена за неколкунеделен прекин на огнот и ослободување на палестинските затвореници во израелските затвори.
Разговорите се во застој за двете главни прашања, Хамас бара израелските трупи да се повлечат од Газа и да го прекинат конфликтот и детали за бројот и имињата на палестинските затвореници во израелските затвори.
Некои извештаи сугерираат дека Израел покажал подготвеност да направи дополнителни отстапки во иднина, вклучително повлекување на силите кои го преполовија Појасот Газа и дозвола жителите да се вратат на север.
Блинкен денеска отпатува за Саудиска Арабија, каде една од темите на разговор ќе биде војната меѓу Израел и Хамас и повоената иднина на Газа.
Шефот на американската дипломатија ќе разговара со саудиски претставници во Ријад, а ќе има средба и со министрите за надворешни работи на Советот за соработка на арапските држави од Персискиот залив.
Тој ќе се сретне со министрите на Саудиска Арабија, Египет, Јордан, Катар, Обединетите Арапски Емирати, како и со палестинските власти.
По Саудиска Арабија, Блинкен ќе ги посети Јордан и Израел.