
Њујорк, 21 септември 2020 () – Само поблиска и поефикасна соработка може да ги реши многуте предизвици со кои се соочува светот, изјави генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш на денешното отворање на сесијата по повод 75-годишнината од постоењето на Обединетите нации.
Тој додаде дека геополитичките тензии ескалираа од основањето на Обединетите нации и дека нуклеарното оружје стана главната закана.
Според него, најновите настани и особено пандемијата на новиот коронавирус ја покажаа целата ранливост на светот, поради што земјите мора да се обединат за заедно да ги решат проблемите.
– Меѓународната соработка е клучна за справување со реалноста. Солидарноста е попотребна од кога и да е досега, потенцираше Гутереш.
Зборувајќи за основањето на Обединетите нации, тој рече дека биле потребни две светски војни и милиони жртви за светските лидери да се договорат за соработка и владеење на правото што доведе до резултати.
– Пред нас се многу предизвици, како што се климатските промени, зголемување на гладта во светот, но и зголемената омраза, рече генералниот секретар на Обединетите нации.