Градското собрание на Њујорк ја отстранува статуата на Џеферсон – еден од татковците на нацијата, но и робовладетел


– Статуата на Томас Џеферсон, еден од основачите на САД и автор на Декларацијата за независност, ќе биде отстранета од Градското собрание во Њујорк, бидејќи Џеферсон бил робовладетел. Статуата беше поставена во салата на Градското собрание пред повеќе од еден век.


 

Американски медиуми јавуваат дека до крајот на годината статуата ќе биде преместена во една од салите на историското здружение на Њујорк.

– Третиот претседател на САД Џеферсон ги претставува некои од најсрамните страници во долгата и нијансирана историја на нашата земја, оцени афроамериканката Адриен Адамс, градска советничка во Њујорк. Одлуката во Градското собрание беше донесена едногласно.

Џеферсон поседувал околу 130 робови кога починал во 1826 година, и барањата да се отстрани неговата статуа од градското собрание во Њујорк се интензивираа по насилната смрт на Џорџ Флојд минатата година во Минеаполис, кога полицајци се обидуваа да го приведат.